News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активност: Усвојување на математички поими: побрзо-побавно

Цели на активноста:

-Совладување на поимите побрзо-побавно и разлика меѓу поимите;

-Развој на интерес, желба и способност за самостојно доаѓање до сознанија и носење на заклучоци

-Да се поттикне детето да трча стабилно и брзо;

-Поттикнување за движење и следење на ритамот;

-Слушање со внимание, како и правилно функционирање на говорниот апарат.

Потребен материјал: апликации, ликовен прибор, музичко ЦД, сликовница „Зајакот и желката“

Тек на активноста

Надоврзувајќи се на неделната тема за сообраќајот, со цел да ги развиеме математичките вештини, а воедно да им помогнеме на децата да разберат дека се околу нас е математика, започнете разговор со детето, што всушност претставува сообраќајот. Приложете слики, апликации и поттикнете го детето самостојно да дојде до заклучок, дека превозот на луѓе и разни стоки од едно  до друго место е сообраќај.

Потоа поттикнете го детето да размисли и да одговори на прашањата:

Што се тоа превозни средства? (Тоа се средства кои се користат при патување или за превоз на стока)

Во зависност од тоа каде се одвива сообраќајот, каков сообраќај разликуваме? (сувоземен, воздушен, воден сообраќај)

Што е тоа сувоземен сообраќај? (Сообраќајот што се одвива по суво, по копно се вика сувоземен сообраќај) Детето да ги наброи превозните средства што ги гледа на сликата и да направи разлика помеѓу нив, да разликува што е побрзо –  што е побавно.

/ Продолжете со прашањето: Што е железнички сообраќај? Поттикнете ги децата сами да заклучат дека возовите се движат по пруга (шини) и дека има патнички и товарни возови, а според брзината се обични, брзи и експресни.

/ Следи воздушниот сообраќај, кој се одвива во воздухот. Децата да ги набројат воздушните превозни средства и да направат разлика помеѓу нив, побрзо – побавно.

/ Воден сообраќај – сообраќајот што се одвива во вода се вика воден сообраќај. Следи разговор за тоа кои превозни средства пловат – се движат по вода и именувајте ги на сликата. Направете разлика помеѓу нив, побрзо – побавно.

На крајот, децата самостојно да дојдат до заклучок – кое е најбрзо, а кое е најбавно превозно средство. Може да се продолжи со цртање по сопствен избор – најбрзо и најбавно превозно средство од сите видови сообраќај.

Игри кои може да ги играте со децата:

Натпреварувачка игра: Кој прв до целта!

Оваа игра може да се реализира во дворот, паркот или на некое излетничко место. Учествуваат двајца или повеќе натпреварувачи. Победник е оној кој најбрзо ќе стигне до целта.

Музичка игра: Слушање на бавна и брза музика

Децата може да играат на музика со брз и бавен ритам.

И на крајот пред спиење, секогаш практикувајте на децата да им прочитате  приказна. Овојпат ќе можете да ја прочитате или раскажете приказната за “Зајакот и желката”- кои се натпреварувале кој побрзо ќе стигне до целта – а воедно можете да извлечете и мудра поука од приказната.

 

Подготвил: Воспитувач – Билјана Андоновска