News

Играме и спортуваме

Почитувани родители, во пресрет на Меѓународниот ден на спортот – 25-ти мај, предлагам деновите што следат, Вие и вашите деца да го посветите на играта, на движењето, на спортувањето. Поточно, посветете го на основата на постоење на секое дете, на секое детство, едноставно на скриеното Дете во секој од нас. Посакувам – Само играјте! Забавувајте се! Уживајте во спортувањето. Затоа што играта е основен начин на детското изразување, перцепирање, одлучување, согледување, резонирање, проценување, комуникација…, откривање на себе си и светот што не опкружува. Токму затоа играта и спортувањето се наоѓаат на врв на  целокупниот физички, ментален, социјален и когнитивно – интелектуален развој на детето. Воедно делува на практикување на здравите животни навики, развивање дисциплина, тимска работа, ја поттикнува самодовербата, ја челичи волјата и спортскиот дух, но секако со почитување на различностите помеѓу нив.

И затоа, почесто разговарајте со вашето дете за нивната омилена игра, раскажувајте Како, Кога и со Што си игравте Вие кога бевте мали. Приближете им ги игрите на кои ве подучуваа вашите мајки и баби, зборувајте за омилениот спорт на тато, следете фудбалски, ракометен … натпревар на ТВ приемниците. И се со една единствена цел – Ајде заедно да им овозможиме на дечињата квалитетна едукација и спортски развој, да им понудиме можности, своите спортски умеења да ги преточат во животен пат. Таа можност е во рачињата на Вашите – Наши деца. Да им помогнеме!

Возрасна група:  2 – 4 години

Наслов на активност: Тркалање на топка со една и со двете раце до определена цел преку подвижна игра – Бегај Зајко од ливада

Цели на активноста:

-Запознавање и практикување на правилата – содржината на играта, челичење на волјата и негување на весела спортска атмосфера.

-Усовршување на координацијата на локомоторниот систем и постигнување на повисок степен на умешност, брзина, кооперација и координација, сестран и складен развој.

-Развивање и усовршување на основните движења и јакнење на мускулатурата на фината моторика на рацете, дланките и прстите и координација око – рака.

-Оспособување за разбирање на важноста на одржување на сопственото здравје и благосостојба со практикување на елементарни спортски вежби и активности.

Потребни материјали:

Разновидни детски играчки, коцки, топки, кукли, балони, ленти од платно, јажиња, предмети во просторот – домот, кукла – Зајаче.

Тек на активноста

Почитувани, повикајте ги децата на Ваше заедничко – замислено пролетно патување…

Појаснете, патот води низ шумичка и е непознат и неизвесен за сите. Поведете ги! – патем постојано зборувајте, насочувајте, потикнувајте и покажувајте. Чекорете со умерено темпо по тесна и нерамна патека. Забележувате, убави и разновидни пеперутки секаде околу вас и на прсти обидете се да ги фатите. Со лазење поминувате помеѓу стеблата на дрвјата, се качувате на старото дабово трупче – скокнете од него. Слушате! – песна на славеј, гледате лево – десно, со раширени раце го имитирате летот на ластовичката, на прсти го поминувате нерамниот песоклив терен. Ве пресретнува рекичка – ја прескокнувате и откривате ливада со топки. Избирате по желба и вежбате со топка.

-Прва вежба: Ниско префрлање на топката од едната во друга рака налеви и надесно.

-Втора вежба: Фрлање на топката со двете раце во височина, фаќање во положба на клекнување.

-Трета вежба: Од положба на седење со скрстени нозе, тркалање на топка по подот – месење на тесто.

-Четврта вежба: Седење со скрстени нозе, пренесување на топката од едната на другата страна на телотo.

-Петта вежба: Лежење на гради, рацете се малку раширени, тркалање на топка со помош на едната и другата рака.

Ненадејно шушкање го привлекува детското внимание. Забележувате “Зајаче на ливада” /кукла, лик, фигура/ и предложете им на децата со туркање на топката да го избркаат од просторот. Ги објаснувате и демонстрирате правилата на играта Тркалање на топка со една и со две раце до определена цел на далечина од 1,5 до 2 метри, при тоа повикувате:

Бегај, бегај зајаче,

од зелена ливада,

в шума, гора, планина,

ќе си најдеш сладина”.

Според  детскиот интерес и желба, играта повторете ја неколку пати.

При тоа постојано зборувајте, покажувајте, охрабрувајте и активно следете што може да направи детското тело. Каде, како и во која релација се движи, несомнено содејствувајќи со детските индивидуални можности и желба.

Зајачето заминува, а вие сте среде цветна зелена ливада. Вдишувате – издишувате и го чувствувате чистиот воздух, ја чувствувате топлината на пролетното сонце и седнувате да се одморите.

Во тие моменти на опуштеност, раскажете им омилена приказна и вредните СПОРТИСТИ освежете ги со сок од природно овошје.

 

Подготвил: Воспитувач – Бубе / Љубица Тасковска