News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активност: Разговор за сообраќајот – „Како треба да поминам правилно улица, пешачки премин, семафор…“

Цели на активноста:

-Запознавање на децата со сообраќајот воопшто и со основните сообраќајни правила

-Стекнување на основни знаења за сообраќајниот знак-семафор, значењето на неговите бои, како и запознавање со зебрата – пешачкиот премин и тротоарот.

Потребен материјал: слика на која е представена крстосница или улица, хартија за цртање, дрвени боички

Тек на активност

Активноста може да ја започнете со набљудение на слика, на која е претставена некоја крстосница или улица (од весник, сликовница..), со што ќе го поттикнете вашето дете на разговор за сообраќајот – што има на сликата, каде се движат автомобилите, што друго има на улиците…каде се движат луѓето, каде велосипедите и сл.

Доколку сте во можност, најдобро би било со вашето дете да излезете до блиската улица, крстосница, каде од блиску ќе го набљудувате сообраќајот. Посочете му дека секогаш како пешак, најбезбедно е да се движи по внатрешноста на тротоарот држејќи ве за рака, а улицата секогаш да ја преминува на зебра – пешачки премин.

Набљудувајте го семафорот на блиската раскрсница, промената на неговите светла и објаснете му – која боја што означува. Така набљудувајќи, детето најдобро ќе научи и ќе ги поврзе боите на семафорот, со активностите на сообраќајните средства. Запознајте го вашето дете и со семафорот за пешаци, кој има само две светла – црвено и зелено, а во нив и човече кое во црвеното стои, а во зеленото оди, па така објаснете му го значењето на знакот. Детето ќе запомни дека, само кога свети зеленото светло, може да ја помине улицата, а тоа може и практично да го направите неколку пати.

По враќањето во вашиот дом, може на еден лист да му нацртате контура од семафор и да му дадете задача да ги обои кружните светла на семафорот според правилниот редослед.

Подготвил: Воспитувач – Анкица Поповска