News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Обработка на расказ Аптека во вреќа и манипулативни игри

Цел на активноста:

-да се поттикнува да ги препознава, именува и опишува лековитите билки

-да се запознае со лековитите својства на билките

-да се развиваат способностите за слушање, разбирање и доживување на содржината на литературните творби

-да се збогатува речникот со зборови кои означуваат поопшти поими

-развивање на фината моторика на раката, дланката и прстите и координација око-рака

Потребен материјал: енциклопедија, расказ „Аптека во вреќа“, листови за цртање, темперни бои, хартија во боја, ножички, стара четкичка за заби, чепкалки за уши и сл.

Тек на активноста

Пролетта е период кога целата природа се буди, тревата се раззеленува, цветаат цветови во различни бои и мириси, инсектите се раздвижуваат, но тука се и лековитите билки. Овие магични тревки ги има насекаде околу нас, на планините и полињата, на ливадите, во парковите, па и во дворовите. За да го запознаете детето подобро со нив, прочитајте им го расказот „Аптека во вреќа“, изразно и со правилна дикција, при тоа објаснувајќи некои зборови, кои што му се напознати.

Расказ – АПТЕКА ВО ВРЕЌА

Зорка реши летото да го помине кај баба и дедо ѝ на село. А селото на баба Вена и дедо Доне се наоѓаше високо во планината. Дома ја најдоа само баба Вена.

-Сакам да го видам и дедо! – рече Зорка.

Баба Вена веднаш ја поведе внучката кон една полјанка малку погоре од селото. Тука го најдоа дедо Доне, како во една голема платнена вреќа става мали врзопчиња од најразлични тревки.

-Што правиш дедо? Што е ова? – Зорка љубопитно почна да го распрашува деда си, кој се израдува на нејзината посета.

-Аптека во вреќа! – се насмевна дедото и ја стегна на градите.

Зорка се зачуди, а баба Вена побрза да ѝ објасни:

-Дедо ти од рана пролет до доцна есен, катадневно собира лековити билки чедо и ги носи во билната аптека…Вели дека на тој начин им помага на луѓето…

-Да, – потврди  и дедото, сум излекувал многу луѓе од најразлични болести, зашто чајот од овие билки, не само што е вкусен туку е и лековит!

-Велиш, дедо, дека овие тревки можат да лечат секаква болка! – на Зорка како да не ѝ се веруваше.

-Да, внуче! Во полето и планината има секакви лековити билки. Природата е најголема природна аптека и во неа за секоја болка, има и билка! Само треба да се пронајде!

Потоа старецот со едната рака ја нарами вреќата, а со другата го поведе девојчето и рече:

-Јас и ти ќе имаме летово доволно време да разговараме за билките. Ќе те научам и ти да ги  препознаваш, да ги собираш и да ги сушиш, а баба ти ќе те научи – како да правиш чаеви во сите годишни времиња и за болест и за здравје!

/ Поведете разговор со детето за содржината на расказот, охрабрете го да го прераскаже. Запознајте го со лековитите билки, кои се и за што служат, зошто се викаат лековити и набројте неколку од нив. Прошетајте во блискиот парк и покажете му ги на детето камилицата, глуварчето, тегавецот, липата. Останатите билки покажете му ги на слика (во енциклопедија, на интернет…). Објаснете му која билка за каква болка ја користиме. На пример, кога нѐ боли стомакот, пиеме чај од нане или од кантарион, кога кашламе пиеме чај од мајчина душица или босилек, кога нѐ боли грлото убаво е да се напиеме чај од жалфија или камилица. Лековитите билки ги има и во пастата за заби, како и во разни шампони, креми и масла. Ако се изгориме или пресечеме на раната, ставаме масло или маст од невен за побрзо да зарасне.

Откако ќе ги запознаете подобро лековитите билки, предложете му на детето истите да ги изработите од хартија во боја, или пак, користејќи темперни бои, да ги испечатите со помош на прстите, со стара четкичка за заби или пак со чепкалки за уши. Бидете креативни, препуштете се на фантазијата и забавувајте се.

Пофалете го детето за креативноста и готовата изработка.

Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова