News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Изработка на хербариум од билки – Истражувачка игра

Цел на активноста:

-Проширување на детското сознајно искуство за билките и растенијата и процесот на нивно одгледување

-Поттикнување на истражувачки потенцијали кај децата, преку изработка на хербариум од разни растенија и билки

-Проширување на детските сознанија за сетилата (мирис, вид и вкус) и нивната функција

Потребен материјал: енциклопедија, растенија, билки, листови бели А4 формат, лепак или селотејп…

Тек на активноста

Убавото време ќе ви овозможи да ја реализирате оваа активност со вашите деца во природа. Направете прошетка со Вашето дете во најблискиот парк и при тоа соберете растенија или некои билки кои ги има во околината. Помирисајте ги, кажете го името на растението, се со цел детето да умее да ги разликува по име, боја, мирис, начин на нивно опстанување и каква полза имаме од нив.

По враќањето од прошетката, поттикнете го детето да ви одговори – како ги чувствува мирисите, како ги разликува различните бои. Користејќи енциклопедија – објаснете му ја функцијата на сетилата за мирис и вид. Забавувајте се – подгответе различни чаеви и разговарајте за вкусовите. При тоа, објаснете му на детето – каква е функцијата на сетилото за вкус и како ги препознава различните вкусови.

Наредна активност е од собраните растенија, да изработите хербариум. За оваа активност, Ви се потребни неколку бели листови А4 формат. Секое растение залепете го на посебен лист хартија и под секое растение напишете го името на растението. Така залепените растенија, ставете ги на суво место да се исушат неколку дена и ќе добиете хербариум, кој ќе можете да си го користите подолго време.

Уживајте со Вашите деца, во моментите поминати во природа… набљудувајте и осознавајте.

 

Подготвил: Воспитувач – Алексанра Ѓоргиева