News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста:  И инсектите се дел од природата – печатење на пеперутки – Ликовна игра

Цели на активноста:

– да се поттикне интерес за учество во ликовни активности преку користење на разни форми на ликовно изразување.

-да се поттикнува самостојноста во користењето на различен ликовен и неликовен материјал.

-развивање на фината моторика на раката, дланката, прстите и координација око-рака.

Потребен материјал: компир, темперни бои, четки и бели листови

Tек на активностa

Разговарајте со своето дете за карактеристиките на годишното време пролет, зборувајте за сонцето, расцветаните дрвја, птиците, поттикнете го да се потсети и да каже какви бои се цвеќињата во пролет, која боја му е омилена на детето исл. Разговарајте за инсектите во природата и именувајте неколку од нив. Предложете му ликовна игра во која што детето со помош на компир ќе печати пеперутки на бел лист хартија. Имено земете парче компир и пресечете го на пола, со помош на скалпер, направете форма на пеперутка. Во палета за темперни бои, истурете неколку различни бои, како на пример црвена, жолта, сина, зелена, виолетова, розева и притоа објаснете му на детето што треба да прави. Имено, со врвот на четката нанесете некоја од наведение бои и обоите ја пеперутката на компирот. Охрабрете го детето да работи самостојно и притоа да ја именува бојата што ја користи. Наведете го детето самостојно да меша и добива нови бои, нијанси и тонови.

На крај пофалете го вашето креативно детенце и изложете ја творбата на видно место во вашиот дом.

Забавувајте се со оваа игра …

Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска