News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Што е отпад, кој отпад и зошто треба да се рециклира и како да се селектира ? – Разговор

Цели на активноста:

-Да се развиваат способности за размислување

-Да се откриваат квантитативните и квалитативните односи и релации на разни видови отпаден материјал

-Да се развива способноста за класификација по боја, форма и вид.

-Да се збогатува речникот со нови поими, изрази и термини (канта, контејнер, депонија, отпаден материјал)

-Да се формираат работни навики

Потребен материјал: апликации, ликовен прибор, корпи за отпадоци.

Тек на активноста

На самиот почетокот на активноста објаснете му на детето дека за да живееме во чиста и здрава средина, потребно е секој од нас да придонесе со своето добро однесување (да се однесуваме правилно со отпадот што го создаваме и да не ја загадуваме природата). Потоа зборувајте за тоа што,  всушност, претставува отпадот. Приложете слики и поттикнете го детето на разговор, самостојно да дојде до заклучок дека постојат повеќе видови отпад – отпад од домаќинствата (што ние го создаваме во нашите домови), отпад што се создава во фабриките (производство) и отпадот од чистењето на парковите (јавни површини).

Потоа следат прашања: Што да правиме со нашиот отпад? Каде да го фрламе? Кој ќе го собере? Што се ќе се случи потоа?

Со децата разговарајте дека со отпадот треба да се постапува правилно, да се остави во соодветни корпи, притоа да се селектира (секој отпад да се издвои во посебна корпа, во  една корпа се фрла хартија, во друга пластика, во трета стакло и во посебна корпа неупотребливиот отпад). Објаснете им дека откако ќе се селектира отпадот, тој се фрла во контејнерите. Комуналните претпријатија  го собираат  отпадот од контејнерите и кантите во градот и го носат на посебно место што се вика – депонија. Контејнерите во кои е селектиран отпадот се собира и се носи во фабриките.

Што е рециклирање?

Рециклирање – процес при кој, старите производи (хартија, картони, стакло, пластика, метал) се преработуваат во фабриките и од нив се добиваат нови производи. Значи децата треба да разберат дека, при рециклирање отпадниот материјал се претвора во некој нов производ (пример: старата хартија и картоните се преработуваат, за да се добие од нив нова употреблива хартија).

Во продолжение по дадената слика, нацртајте 4 канти за отпадоци во разни бои, обележете ги, нацртајте и отпаден материјал и соодветно поврзете го како на сликата.

Исто така, децата може да земат две корпи, да ги украсат, да ги обележат и да им дадат имиња, по нивен избор. Во едната корпа нека собираат стара хартија, а во другата пластични шишиња. Собирајте, селектирајте и заедно со вашите деца фрлајте ги во соодветни контејнери. Со тоа ќе придонесете – да има поздрава животна средина.

Подготвил: Воспитувач – Билјана Андоновска