News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активност: “Боите на пролетта” – Говорно – ликовна игра

Цели на активноста:

-Развивање на визуелната перцепција, визуелното помнење и мисловните процеси кај детето при ликовно изразување, по сопствени впечатоци и доживувања од непосредно набљудување.

-Подржување на самостојност во откривање, разликување и именување на одредени основни и изведени бои, и способноста за правилно ракување со приборот за сликање при ликовното творење.

-Развивање на фината моторика на раката, дланката, прстите и координација око – рака.

-Развивање и користење на говорниот јазик и збогатување на детскиот речник со нови зборови и поими.

Потребни материјали: Разновидни детски играчки, коцки, кукли, топки, балони…, предмети во просторот – домот, природата во пролет, прибор за сликање /темперни бои, четки – разновидни по дебелина и подлога – лист за сликање/.

Тек на активноста

Седнати на ќилим, Вие и вашето дете играте со играчки, кукли, топки, балони…, редете и конструирате со коцки…

Поведете разговор со детето за “најомилената” помеѓу нив /детето ја покажува, ја именува… пример: Моето мече/.

Поттикнете го да опишува играчки по големина, форма, да покажува делови, да именува по боја /пример: Син автомобил/.

Споредувајте со истобојни предмети – играчки /пример: Црвена – исто како овој балон, вагон, како оваа коцка/.

Практикувајте двонасочна комуникација и стимулирајте ги децата да воочуваат, покажуваат, именуваат и класифицираат БОИ: Сина, Жолта, Црвена, Зелена.

Спонтано проширувајте го детскиот видокругот со препознавање, споредување и именување на бои на предмети во просторот. Поведете го до прозорецот – на тераса и детското внимание насочете го на природата пред вас. Заедно набљудувајте, разговарајте за растенијата, тревата, птиците… Поттикне го да воочувава бои /пример: тревата е Зелена, цвеќето има Црвена боја и споредувајте /пример: Сонцето е Жолто исто како лимонот, бананата, блузата на бато, Сино е небото како морето на плажа/.

Неколку минути опсервирајте, средувајќи ги впечатоците, па предложете, виденото заедно да го насликате. Поставете основа – бел лист за сликање, четки и темперни бои. Гласно размислувајте Што и Како сликате /правилно држење на четкичката и пополнување – боење на површината/. Насочувајте на почитување на просторните односи на предметите и објектите. Постојано подржувајте го, охрабрувајте го детето, самостојно да избира бои, ненаметливо наведете го да меша и добива нови бои, нијанси и тонови. Настојувајте впечатоците од виденото да го насликаат, креираат и презентираат во својата творба. Разговарајте за сликата и нештедејќи зборови, пофалете го Вашиот УМЕТНИК, па заедно средете го просторот и изложете ја сликата на видно место во домот, нагласувајќи дека убавината на сликата е во убавината и шаренилото на боите.

Подготвил: Воспитувач – Бубе/Љубица Тасковска