News

Возрасна група:  2 – 4 години

Наслов на активност: Математика во семејството – Усвојување на поимите  “ГОРЕ – ДОЛУ”

Цел на активноста:

Да се поттикне процесот на просторно ориентирање, воочување на релации во однос на себе ( горе – долу)

Потребен материјал: предметите во домот, играчките, сликички од интернет или списанија, молив, боички, хартија за цртање, лепак

Тек на активноста         

За детето главата е горе и се што е над главата е горе, а нозете му се долу  и се што е под нозете и покрај нозете е долу. Така таванот и лустерот се горе, а подот и килимот се долу. Во дворот гранките на дрвјата се горе, а коренот е долу.

Во почетокот е неопходно овие односи да се определуваат во однос на предметите што му се познати и блиски на детето и околу кои нема дилеми во однос на нивната позиција. На пример, додека се качува по скали може да кажува што прави или да ги следи Вашите упатства до каде да се качи. Качувањето по скали е добро за усвојување на поимите нагоре – надолу, погоре- подолу. Детето треба да го доведете во такви ситуации, кога тоа ќе се замисли при определувањето на тоа што е горе, а што долу. На пример, најниските гранки на дрвото:  дали се тие горе или долу? Горе се во однос на стеблото, а долу во однос на погорните гранки. Но, ако има проблем сфатете ги ситуациите како нормални  и охрабрете го детето.

За осознавање на елементите од ориентација во просторот, децата можат да се ангажираат  во различни активности во домот и надвор од него. Тоа треба да го имате во вид кога сте зааедно со детето и работите нешто, така што активностите да се изведуваат во спонтани ситуации. Значи, важно е активностите да се природни, оние што вообичаено се изведуваат во домот, а детето да го ангажирате за она што тоа може да го направи и ако е можно, да биде во истражувачки дух.

/ Предложете му на детето да ги нареди големите играчки долу, малите  играчки да ги нареди горе ( на полицата).

/ Можете да ги полевате заедно цвекињата на балкон: Вие цвекињата горе – на оградата, детето цвекињата долу – на плочките.

/ Нацртајте смешен цртеж – земете лист хартија и молив. Давајте си заеднички инструкции за влечење на моливот горе – долу…..(направете цик- цак линија) Потоа договорете се што би нацртале горе на највисоката точка, а што долу….

/ Извадете од интернет сликички на сонце, облачиња, ѕвезди, месец, дрвја, цвекиња, птици, инсекти, животни… Доколку имате некои стари списанија можете заедно да исечете сликички. Нека биде тоа заеднички избор. Потоа направете слика. Залепете ги сликите и именувајте ги поимите. Облаците се горе, тревата долу…Именувајте ги елементите (сликичките) и договорете се каде ќе ги залепите. На крајот раскажете приказна. Закачете ја сликата и навраќајте се на приказната.

/ Можете да играте подвижна игра ,,Ден – ноќ”

Ноќ – клекнувате долу, Ден – станувате горе и ги кревате рацете. Вклучете се сите во играта – целото семејство, играјте, забавувајте се и следете го детето  како го доживува сето тоа.

Подготвил: Воспитувач – Веселка Божиновска