News

Воспитна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: “Цветови„ – Манипулативна игра

Цели на активноста:

– Да се поттикне детето да ги користи движењата на прстите и дланките за конкретна цел

– Да се поттикнува самостојноста во користењето на различен ликовен и  неликовен материјал

Потребен материјал: пластични чашки во две големини, ножички, лепак, фломастери, стапче, хартија за печење, сунгери или вазни

Тек на активноста:

Април е месец каде имаме најмногу бои во природата и најмногу опојни мириси кои не предизвикуваат да излеземе надвор. Доколку сте во можност излезете со детето во дворот или блиското паркче и наберете буkет миризливи цветови. Со детето разговарајте за цветовите, за нивните  форми, бои, мириси, големина и предложете им  да направат цветови од пластични чаши. За оваа изработка потребни се пластични чашки во две големини кои децата ќе ги обојат со фломастери од внатрешната страна. Со ваша помош откако чашките ќе се обојат, со ножици го засекуваат горниот дел од чашката на неколку места. Вака исечените чашки децата ги редат на хартија за печење и  ги ставате во рерна на 170 *C, 2-5 мин. Ќе причекате чашките да се оладат убаво,  и потоа  децата со помош на лепак ја прицврстуваат помалата чашка во средината на поголемата. На крајот го прицврстувате стапчето или сламката (што имате дома) и добивате прекрасен цвет  со кој може да го декорирате вашиот дом. За цело време додека работите со детето потребно е да го пофалувате и поттикнувате колку повеќе може за самостојно да ја изврши задачата. Додека ги изработувате цветовите  можете да му пуштите на детето песнички посветени на пролетта „Пролет, пролет мила“ од детскиот фестивал Поточиња .

Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска