News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста:  “Велигден – најголем христијански празник” – Разговор

Цели на активноста:

– Стекнување знаења за Велигден и велигденските празници;

– Поттикнување на децата за активно учество во подготовките и прославувањето на празникот;

– Развивање на самостојноста на децата за говорно изразување во конкретна ситуација;

– Негување на креативните способности кај децата;

– Збогатување на емотивните искуства на децата.

Потребен материјал: слики, фотографии, велигденски украси, ликовен материјал, компјутер.

Тек на активноста

Активноста започнете ја со разговор за прославувањето на родендени, имендени, домашни слави, свадби, крштевки и други семејни прослави на кои присуствувле и вашите деца. Можете да разгледувате  фотографии и да разговарате за емоциите кои ги будат тие прослави, поттикнете ги децата да Ви ги опишат со свои зборови. Продолжете со раскажување на вашите доживувања и спомени од детството: Како Вие сте го прославувале Велигден? Ако имате фотографии покажете ги, а ако имате постар член во семејството дозволете и тој да Ви раскаже за своите сеќавања за велигденските обичаи од своето детството. Потоа соберете го целото семејство земете еден лист од хамер или блок на кој ќе направите распоред на активностите кои ќе ги направите во деновите што доаѓаат. Ќе ги запишете сите подготовки што мислите да ги направите со текст и со слика или цртеж ( за да може да разбере  и вашето дете) и распоредот ќе го ставите на посебно место во вашиот дом. Ќе внимавате да има задолженија за сите членови од семејството бидејќи НИЕ го празнуваме Велигден: средување на играчки, чистење и украсување на домот, пазарување, месење велигденска погача, бојадисување велигденски јајца.

Откако ќе завршите со распоредот ќе им објасните на децата дека за време на празникот луѓето се поздравуваат со специјален велигденски поздрав ” Исус воскресна”, а другите отпоздравуваат ” Вистина воскресна”, а за подобро здравје си подаруваат црвени јајца. Објаснете им дека тоа се симболи, карактеристики, одбележја на овој наш празник.

Во текот на денот може да играте игра “Жешко јајце” односно пренесување на варено јајце во лажица до одредена цел. Играта може да ја направите натпреварувачка, со пречки, во зависност од вашата креативност и просторот што го имате во вашиот дом.

Ви посакувам убави празници – Честит Велигден

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска